Фудбалските ветерани на Бугарија и Македонија ќе одиграат хуманитарен натпревар, од кој сите приходи ќе завршат за семејствата на жртвите од страшната трагедија во дискотеката во Кочани.
Бугарските фудбалски легенди веднаш по несреќата изразија подготвеност да помогнат, а весникот „24 Часа“ објави детали од планот за реализација на овој убав спортски настан.
Предвидено е мечот да биде одигран на 27 април на стадионот во Варна, на клупата на Бугарија ќе се најде Димитар Пенев, а играчкиот кадар ќе биде предводен од Христо Стоичков, Јордан Лечков, Наско Сираков…
Како што најавуваат бугарските медиуми, тимот на македонски ветерани ќе биде предводен од Горан Пандев на теренот, шанса ќе добијат уште дваесетина фудбалери кои ги имаат завршено професионалните кариери, а неофицијално – селектор на „црвено-жолтите“ на овој хуманитарен спектакл треба да биде Ѓоко Хаџиевски.
