Најмалку 20 лица, меѓу кои и деца, загинаа во еден од најтешките руски воздушни напади врз Украина во последните месеци. Русија лансираше бранови од ракети и беспилотни летала во текот на ноќта и во текот на средата, погодувајќи станбени згради, индустриски објекти и енергетска инфраструктура низ целата земја.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека нападот се случил на роденденот на рускиот претседател Владимир Путин и го опиша како еден од „најподлите“ руски напади.
Најголем број жртви се регистрирани во Прилуки, во северниот регион Чернихив, каде што руска ракета уништи станбена зграда од пет ката.
Според локалните власти, загинале најмалку 14 лица, меѓу кои и четири деца.
„Денес, како роденденски ’подарок‘ за Путин, руската армија уништи станбена зграда во Прилуки“, рече Зеленски.
„Русите сакаа да зададат болен и демонстративен удар. Ова беше еден од најподлите напади: вкупно 70 ракети, од кои многу беа балистички“, додаде тој.
Неколку делови од погодената петкатница целосно се урнаа.
Десетици спасувачи пребаруваа низ урнатините, а на местото на ударот беше ангажирана и тешка механизација. Спасувачите користеа скали за да се обидат да стигнат до горните катови на деловите од зградата што останаа да стојат.
Повредени се околу 50 лица, меѓу кои и седум деца, соопштија регионалните власти. Зеленски изјави дека уште шест лица загинале во Киев, Олександрија и Кременчук за време на масовниот ноќен напад.
Руското Министерство за одбрана потврди дека неговите сили извршиле „масовен напад“, но тврдеше дека целите биле украински воено-индустриски објекти во Киев и во други делови од земјата.
Москва наведе дека употребила високопрецизно оружје лансирано од копно, море и воздух, како и беспилотни летала.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле нешто повеќе од 80 отсто од 46-те руски беспилотни летала со млазен погон употребени во нападот. Ова претставува значително зголемување во споредба со претходните недели, кога, според украинските податоци, вообичаено се соборуваа меѓу 50 и 60 проценти од овие летала.
Од летото наваму, Русија користи сè поголем број нови, брзи беспилотни летала во нападите врз Киев и други украински градови, што претставува сериозен предизвик за украинската противвоздушна одбрана.
Украинските воздухопловни сили не објаснија зошто стапката на пресретнување била значително повисока за време на последниот напад.
Според Зеленски, руските балистички ракети остануваат најголемиот проблем.
Тој изјави дека неговиот тим „секојдневно бара системи ’Патриот‘ – системи што можат и мора да ги заштитат човечките животи“.
Украинското Министерство за енергетика соопшти дека, по нападите, започнало со спроведување делумни итни исклучувања на електричната енергија во пет региони. Регионалните власти известија дека во текот на ноќта биле погодени индустриски објект во Днипро, транспортна инфраструктура во Запорожје и станбени згради во Кременчук.
Многу жители на Киев ноќта ја поминаа во длабоките станици на метрото, кои служат како засолништа за време на руските напади.
„Метрото е подобро бидејќи живееме на деветтиот кат од висока зграда, а навистина е застрашувачки да се биде таму додека кон вас летаат ракети“, изјави за Ројтерс Лесја, 49-годишна жителка на Киев.
Во текот на ноќта, низ главниот град одекнаа неколку силни експлозии.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека меѓу целите биле објекти каде што украинската компанија „Фајр Поинт“ (Fire Point) произведува и складира крстосувачки ракети „Фламинго“, како и беспилотни летала со среден и долг дострел.
Русија тврди дека погодила цели во Киев и во регионите Киев, Чернихив, Кировоград, Днипропетровск, Полтава и Харкив.
Минатата недела, Зеленски објави дека Украина за првпат во борба употребила балистичка ракета од домашно производство – изработена од „Фајр Поинт“.
Истовремено, тој изјави дека украинските сили во изминатите 24 часа погодиле четири цели во Русија, вклучувајќи два нафтени објекти и еден полигон за обука.
Украинскиот претседател претходно најави дека Киев ќе возврати со напади врз руските енергетски објекти како одговор на сè поинтензивните руски напади врз украинската инфраструктура.
