Колкави им се сега платите на функционерите со покачувањето од 78%? Некои министерства и управи беа прашани од новинарите, но конкретен одговор не добивме. На говорницата застана првиот вицепремиер Артан Груби кој рече дека неговата сегашна плата е пониска од таа што ја примал на претходното работно место.
„Сите плати се различни, гледам дека најниска е на вицепремиерот и премиерот и е пониска од мојата претходна плата што ја примав на претходното работно место, но е според законот и добро што судот не донесе ретроактивна одлука“, вели Артан Груби.
Покачувањето на платите на околу 1000 функционери ќе ја чини државата околу 960 милиони денари на годишно ниво или 15 милиони евра.
„На месечно ниво станува збор за околу 80 милиони денари, а годишно 960 милиони денари и тука ќе повторам дека станува збор за околу 1000 функционери, избрани и назначени лица“, додаде Фатмир Бесими.
Додека функционерите примаат повисоки плати за околу 1000 евра, здравствените работници се уште чекаат владата да го исполни даденото ветување за покачување од 2000 и 3000 енари. За платата беше прашан министерот за здравство Фатмир Меџити кој рече дека примил плата со покачување,но не сакаше да ја коментира разликата во покачувањето меѓу функционерите и медицинските сестри.
„Примивме, не проверив но знам дека сите примивме. Јас не одлучив за покачувањето, ние работиме на тоа здравствените работници да имаат подобри приходи и за тоа ќе се ангажираме и во иднина. Дали е фер тие да примат покачување од 2000 денари а функционерите 78%? Тоа е би го коментирал“, порача Фатмир Меџити.
Синдикатот на Здравство вели дека се чувствуваат измамено бидејќи не добиле покачување. Повеќе не погоди игнорантскиот однос на владата отколку фактот што не го исполни ветувањето, велат од Синдикатот. Ова предизвика здравствените работници да излезат на бел протест, бидејќи се демотивирани и не ги даваат потребните услуги, а за платите ќе има радикални мерки и генерален штрајк, додаваат од Синдикатот.
Инаку медицинскиот кадар неколку пати протестираше за покачување на платите, а на последниот протест на 30 март пред Министерство за здравство, им беше ветено од овој ресор дека ќе добијат покачувања, но тоа не се случи. Од Синдикатот велат дека чекаат одобрение од Министерството за финансии а согласност добиле од Фонд за здравствено осигурување
