„Лесна“ заработка, тешки последици – „Конти“ ги олесни граѓаните за десетина милиони евра

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Гледај за да заработиш. „Conti“ им нудеше на македонските граѓани лесна заработка, но сега им донесе тешки последици. Дојде крајот на концептот за брза заработка од гледање на видео содржини кои најчесто промовираа нови филмови. По користење на апликацијата, едни се богати, а други за илјадници евра посиромашни. Ова е најновата пирамидална шема во Македонија, која зарази над 14 илјади граѓани.

Парите доаѓаат од новите членови, а завршуваат кај оние кои се на врвот од пирамидата. За да може да заработувате преку „Conti“, треба да си купите пакет. За да може сумите кои се заработуваат да стануваат се поголеми, платформата бара од вас да инвестирате одредена сума на пари, кои потоа треба да ги вратите и да заработите многу повеќе.

„Кривична пријава официјално не е поднесена, но морам да изразам една огромна загриженост за ваквиот тим на пирамидален, инвестиционен, финансиски потенцијален криминал кој што се случува малтене по не знам кој пат во Македонија“, изјави Тошковски.

Тошковски потсети дека и во 2022 година имаше слична апликација за измама на граѓаните. Тогаш пирамидалната шема „Биг Комерц“ измами илјадници граѓани на сличен начин.

„Граѓаните особено да внимаваат за ваков тип на ивестициони вложувања. Да се консултираат со експерти од областа, да се обратат до МВР има експерти кои може да дадат првична проценка дали станува збор за потенцијална измама или не“, изјави Тошковски.

Тошковски ги повика граѓаните, ваквите измами да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи.

На веб-страницата на Conti како контакт е наведена лондонска адреса за евтини канцеларии, но нивните профили на социјалните мрежи укажуваат дека се базирани во Кина и ОАЕ. Фејсбук страницата е формирана во јули 2023, управувана од две лица од Кина и ОАЕ, додека Инстаграм профилот е од август 2016, многу пред постоењето на Conti, и имал три промени на името. Според Мета, профилот е базиран во Кина. X (Твитер) и Јутјуб профилите се исто така постари и веројатно претходно користени за други активности.

Апликацијата Conti Entertain на Google Play е поставена од Умар Музамил и е единствена на овој профил, додека верзијата за Ајфон е достапна само преку директен линк во Телеграм, откако беше повлечена од AppStore. Фирмата е регистрирана во Велика Британија во јули 2023, со директорка Аманда Невил.