Летот на германската авиокомпанија „Луфтханза“ од Франкфурт до Буенос Аирес се претвори во драматична воздушна авантура откако неповолните временски услови во аргентинската престолнина спречија неколку обиди за слетување, а патниците на Боингот 747-8 поминаа речиси 20 часа во авионот. Густата магла во Буенос Аирес предизвика слаба видливост, принудувајќи го екипажот на летот да направи две кружни патеки над градот пред да го напушти слетувањето, пишува „Билд“.
Потоа авионот беше пренасочен кон Асунсион, главниот град на Парагвај, оддалечен повеќе од 1.500 километри. По кратка пауза, беше направен уште еден обид за враќање во Буенос Аирес, но маглата сè уште го спречуваше безбедното слетување. Во меѓувреме, и екипажот и патниците беа сè повеќе исцрпени.
Во истиот утрински период, според достапните информации, други авиони се нашле во слична ситуација, при што дури 30 летови биле принудени да ја променат планираната рута и да го откажат слетувањето во Буенос Аирес.
Бидејќи нивото на гориво се приближувало до својот минимум, а максималното работно време на екипажот истекуваше, капетанот одлучи да прогласи вонредна состојба преку меѓународен повик „Мејдеј“. Оваа одлука му овозможи на авионот да добие приоритет за слетување во Сао Паоло, каде што слета безбедно.
„Безбедноста на патниците никогаш не беше загрозена. Се извинуваме за непријатностите што ги доживеаа нашите патници. Екипажот дејствуваше одговорно и професионално во многу тешка ситуација“, изјави портпаролката на Луфтханза во соопштението.
