Продавач на автомобили стана принц на Белгија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Белгискиот принц Лоран официјално го призна 26-годишниот поранешен продавач на автомобили, Клеман Ванденкеркове, како свој син и наследник.

Ванденкеркове, кој е резултат на врската на принцот со белгиската пејачка Венди Ван Вантен, пред шест месеци тивко бил вклучен во семејството на Лоран на свечена церемонија. Деталите за тоа дури сега излегоа во јавноста.

Иако официјално ја доби титулата принц, тој нема да има право на финансиски средства од кралското семејство.

Новиот принц со години се обидувал да се навикне на идејата дека има татко од кралско семејство. Неодамна изјавил дека сè уште не е сигурен дали ќе го користи презимето на својот татко, Саксен-Кобург.

„Можеби би сакал, но горд сум на презимето Ванденкеркове“, изјавил тој за „Хет Нивсблад“. „Доколку треба да се откажам од презимето, тоа би било предавство кон сè што мајка ми направила за мене.“

Тој нема да биде дел ниту од кралската линија на наследување, ниту ќе учествува во официјални кралски активности.

Ванденкеркове е позната личност во Белгија. Минатата година, во документарен филм, тој раскажа како дознал кој е неговиот татко. Принцот Лоран бил во љубовна врска со Венди Ван Вантен, чие вистинско име е Ирис Ванденкеркове, пред да се ожени со принцезата Клер во 2003 година.

Во документарецот на телевизијата ВТМ, Клеман раскажа дека го сретнал својот татко во еден трговски центар во 2013 година, без да знае кој е тој. Имало 16 години кога неговата мајка му го открила идентитетот на неговиот татко.

Четири години подоцна, тој му се јавил на принцот и му предложил да направат ДНК-тест. Резултатот покажал совпаѓање од 99,5 проценти.

Ова не е првпат белгиското кралско семејство да се соочи со ваков случај. Слично се случи и пред неколку години, кога поранешниот крал Алберт II призна дека има вонбрачна ќерка.