Најверојатно идната недела ќе следи оставката од премиерската позиција на Димитар Ковачевски, по што ќе треба да следи и изборот на техничката Влада. Премиерот потврди дека токму за тоа утрово разговарал со Талат Џафери и Јован Митревски.
„Јас имав утрово состанок со претседателот на Собранието господинот Џафери, со координаторот на пратеничката група на СДСМ и кандидат за претседател на Собранието Јован Митревски на кој што разговаравме во однос на законските рамки за поднесување на оставка и избор на нов претседател на Собрание, избор на техничка Влада и целата оваа процедура ќе се одвива согласно законските рокови на крајот на идната недела“, вели Димитар Ковачевски.
За средбата меѓу Ковачевски и Мицкоски која претходно премиерот ја најавуваше дека ќе ја закаже очигледно и дека нема да се одржи откако шефот на опозициската партија уште викендов најави дека за тоа може и телефонски да разговараат. Ваквиот предлог се чини прифатлив за Ковачевски кој тврди дека има постојана комуникација со Мицкоски.
„Ние имаме комуникација со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не мора сите средби да бидат во сали за состаноци и така натаму така што многу работи може и на телефон да се завршат ние сме луѓе кои што се познаваме имаме и заеднички пријатели, водиме две политички партии кои што се најголеми во државата и сметам дека има работи кои што можат да се направат а кои што се навистина од техничка природа, предлагање на министри во техничка влада и така натаму, договарање на термините кои што исто така се законски пропишани да го направиме на еден таков начин. Така да комуникација имаме“, вели Димитар Ковачевски.
Но, Мицкоски во вчерашното интервју за ТВ24 тврди дека не е во комуникација со Ковачевски за техничката влада.
„Не, немаме комуникација поврзана со било каква средба, стојам на располагање за телефонски консултации на оваа тема, никогаш не било тоа проблем. Не треба да правиме естрада од сето ова, треба работите да си се движат нормално, сега ние јавноста да ја оптеретуваме дали се виделе Мицкоски и Ковачевски, дали се слушнале па што си кажале, па зошто си кажале, тоа треба да биде формалност“, порача Христијан Мицкоски.
Покрај тоа што најавува дека нема да гласаат за техничката Влада под водство на Џафери, Мицкоски најавува дека нивните министрите кои ќе бидат дел од таа влада нема да присуствуваат и на седниците, со што практично најавува и бојкот на Џафери како премиер на техничката влада.
„Не верувам дека министрите ќе седнат на иста седница, бидејќи таму има и заменици технички министри има помошници и така натаму, може на владина седница на присуствува било кој што е во рамките на таа вертикала. Не верувам дека техничките министри ќе му реферираат на Талат Џафери а доколку имаме итни ургентни ситуации се разбира, сепак Министерството за внатрешни работи се грижи за безбедност, тогаш се разбира нормално дека ќе има субординација во органите во државата“, вели Христијан Мицкоски.
Техничката влада треба да биде изгласана на 28 јануари, а како што најави и премиерот Ковачевски оставката треба да се случи идната недела.
