Фатмир Лимани дал оставка од функцијата заменик директор на АД „Електрани на Северна Македонија“. Ова вчера го изјави во Клик Плус, а пред неколку дена ја објави неговата кандидатура за градоначалник на Кичево за локалните избори 2021.
Иако во текот на овој период бил на страната на ДУИ, вели дека на избори ќе излезе како независен кандидат, и е убеден дека ќе го поддржуваат сите политички партии во Кичево.
„Длабоко сум убеден дека и структурите на Алијанса и Алтернатива ќе се изјаснат дека се ЗА мојата кандидатура. Сметам дека прво треба да дадат причина зошто не треба да бидам јас? Доколку одговорат на ова прашање, тогаш логично е тие да излезат со нивен кандидат.“, рече Лимани.
Но Скендер Реџепи од коалицијата АА-ААА рече дека тие ќе имаат нивен кандидат, не само во Кичево туку во сите албански општини.
„Коалицијата АА-ААА има доволен интелектуален, организативен и човечки капацитет за да има свој кандидат и не верувам дека ќе претставува проблем да имаме кандидати во сите албански општини и да победиме. Потоа како ќе се одвива вториот круг ќе се одлучи согласно политичките преговори.“, вели Реџепи.
Лимани очекува и поддршка од сегашниот градоначалник, Фатмир Дехари.
„Не знам зошто сум убеден дека во наредниот период и самиот Фатмир Дехари ќе се изјасни дека е ЗА мојата кандидатура.“, изјави Лимани.
ТВ21 контактираше со Дехари, но тој рече дека ќе одговори подоцна во врска со изјавата на Лимани. Освен Лимани кандидатура за прв човек на Кичево најави и Џевдет Спахиу од дијаспора, кој вели дека ќе добие зелено светло и до лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
