Португалските пожарникари успеаја да стават под контрола околу 80 проценти од големиот шумски пожар што опустоши најмалку 13.000 хектари за три дена, соопшти денеска Службата за цивилна заштита.
– Станува збор за пожар од големи размери, бидејќи огнот се прошири 35 километри од местото на избувнување. Сè уште има неколку тешки места, но поголемиот дел од пожарот е локализиран, изјави офицерот на португалската Служба за цивилна заштита, Хозе Коста.
Во гаснењето на пожарот што избувна во четврток во општината Вузела во округот Визеу, учествуваат 400 противпожарни возила, два канадера, четири хеликоптери и 1.200 пожарникари. Португалија го активираше Европскиот механизам за цивилна заштита за да обезбеди дополнителни засилувања. Шпанија испрати воен контингент од околу 100 војници и еден канадер. Италија испрати уште два противпожарни авиони,
Португалија се бори со големи шумски пожари секоја година, од кои најлошите беа во 2017 година, при што загинаа стотици луѓе. Најзападната земја во Европа минатата година го забележа своето најжешко лето од 1931 година.
Нов пожар избувна во саботата навечер во тешко достапниот регион Пиринеи, кој веќе опустоши 1.000 хектари. Временските услови, ветровите, екстремно ниска влажност и високите температури на воздухот го отежнуваат гаснењето на огнот.
