Лос Анџелес повторно гори: Нов пожар неконтролирано се шири, евакуирани 50.000 луѓе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Јужна Калифорнија, битката продолжува со разорните шумски пожари кои брзо се шират и им се закануваат на илјадници жители. Последниот пожар избувна северно од Лос Анџелес, во близина на популарното рекреативно езеро Кастаик, и досега изгоре повеќе од 9.000 хектари, соопштија властите. Околу 50.000 луѓе во областа веќе се евакуирани, додека противпожарните екипи вложуваат огромни напори да го стават пожарот под контрола.

Пожарот во Хјуз, кој избувна во средата наутро, се шири со алармантна брзина и за помалку од 24 часа проголта околу 40 квадратни километри сува вегетација.

Повеќе од 4.000 пожарникари се распоредени на теренот, додека противпожарните авиони континуирано фрлаат десетици илјади литри вода на погодените области. До средата навечер околу 15% од пожарот е локализиран, но ситуацијата и понатаму е критична поради силниот ветер и малата влажност.

Поради пожарот, делови од автопатот 5, главниот пат што ги поврзува северот и југот на Калифорнија, беа затворени за сообраќај, освен за возила за итни случаи. Иако некои делови од патот се повторно отворени, екипите на терен продолжуваат да работат за да спречат ширење на пожарот во населените места во Кастаиќ.

Регионот веќе трета недела е зафатен со пожари, а временските услови, како што се силните ветрови и сувата вегетација, и понатаму претставуваат сериозен ризик. Националната метеоролошка служба го продолжи предупредувањето за висока опасност од пожар, но се прогнозира дека дождот ќе донесе олеснување почнувајќи од сабота. Во Јужен Лос Анџелес, каде пожарите веќе опустошија неколку населби, некои жители се вратија во своите домови во Пацифик Палисадес и Алтадена.

Официјални лица во Лос Анџелес ги повикаа граѓаните да преземат заштитни мерки поради токсичниот воздух, бидејќи пепелта што ја покрива околината може да содржи тешки метали, арсен и други штетни материи. Во меѓувреме, многу евакуирани ги опишуваат драматичните сцени што ги доживеале. Една жена рече дека видела темен чад и црвени пламени додека бегала од автопатот и се чувствувала како да вози низ пеколот.

Борбата со шумските пожари во Калифорнија продолжува, а противпожарните екипи вложуваат максимални напори да ги заштитат луѓето и имотот во оваа критична ситуација.