Лоши бројки за капитални расходи, ама најлошо е што се доцни со експропријација за коридорите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Капиталните инвестиции од кој зависи квалитетот на живот на граѓаните но и бизнис опкружувањето, бидејќи со нив се градат патишта, амбуланти, градинки, училишта, енергетски објекти, имаат две бројки. Едната е дека 2024 тие биле 76,8 отсто, а другата е дека се само 64 отсто од планираните пари за оваа намена. Министерството за финансии оперира со повисоката бројка, а разликата се должи на тоа што веќе неколку години овие инвестиции не се пресметуваат врз основа на планираното во ребалансот на буџетот, туку врз парите што останале на крајот по релокација на неискористените средства.

За министерката за финансии и двете бројки се добри бидејќи тие се реални. Напомена дека не се вештачки пумпани за да бидат блиску 100 отсто. Послабата реализација се должи на тоа што имало незавршено огромни обврски за Коридорот 8 и 10Д.

„Многу добро го слушнавте директорот за Имотно правни работи кој што ви кажа дека за нецели четири месеци има сработено 3.500 предмети за експропријација поврзани точно со тие коридори. Е тука е проблемот што ние не можевме повеќе од тоа да сработиме, да беа сработени како што претпоставивме дека се, кога во јули го работевме ребалансот на буџетот, тогаш вработените убедуваа дека завршени, да готови итн“, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии.

Во моментов не се знае колку предмети ќе има во иднина за експропријација на имоти кои се на овие коридори, бидејќи нема исцртано траси. Инаку, за да се смета дека се водат добри економски политики, капиталните инвестиции треба да се над износот на буџетски дефицит, кој во 2024 година беше 684 милиони евра или 218 милиони повеќе од потрошените пари за капитални инвестиции.