Буенос Аирес, Аргентина. Не, ова не се демонстрации или протести. Ова е прослава. Аргентина е светски првак, трет пат во историјата и прв пат од 1986-та година, кога на фудбалските терени танцуваше легендарниот Диего Марадона. Ништо друго не е важно, за Аргентинците. Речиси и да немаше доволно место на улиците во Буенос Аирес да ги прими сите кои излегоа до своите домови да го прослават големиот успех.
„Многу сум трогната. Го сакам Меси и многу сум среќна поради него“.
Националниот тим предводен од капитенот Лионел Меси успеа да ги обедини Аргентинците со чувство на радост што не е честа појава во земја која со години е заглавена во економски застој, страда од една од највисоките стапки на инфлација во светот и каде четири од 10 жители живеат во сиромаштија.
Но, во овие моменти за милиони Аргентинци тоа не е важно.
Победата на Аргентина беше прославена на посебен начин во Росарио, родниот град на Лионел Меси.
Трите гола на Аргентина во ремито 3-3 во 120-те минути се поврзани со Росарио. Два постигна Меси, кој е роден во Росарио, а еден Анхел Ди Марија, кој во почетокот на кариерата тренираше во Росарио Централ.
Прославата е посебна за градот каде фудбалот е страст, за илјадници деца, но и возрасни.
„Желбите ни се остварија во финалето. Ја молев мојата покојна баба Дибу голманот да ги одбрани пеналите, тој ги спречи, тој од Франција го промаши, а благодарение на Дибу и Лео (Лионел Меси) кој е најголемиот во светот, станавме светски шампиони“.
Националниот споменик на знамето, симболот на градот и епицентарот на сите прослави во Росарио, беше исполнет со илјадници луѓе.
„Многу сум трогнат. Имам 30 години и ова е првпат да ја гледам Аргентина како шампион на Светското првенство. Тоа е необјасниво чувство“.
Се очекува дека прославите би можеле да траат во текот на целата недела во Аргентина, нема крај на убавите вести за Аргентинците. По финалето, Лионел Меси, изјави дека нема да ја заврши својата репрезентативна кариера по освојувањето на Светското првенство 2022.
– Нема да ја завршам кариерата во репрезентацијата. Сакам да играм во репрезентацијата на Аргентина како светски шампион, изјави Меси за „TyC Sports“.
Меси беше прогласен за најдобар играч на финалниот натпревар на Светското првенство во Катар.
