ЛУКА МОДРИЌ го одигра последниот натпревар за Хрватска на светските првенства откако Хрватска во мечот за третото место го совлада Мароко и ја освои бронзата. Капитенот на Хрватска, кој со таа лента околу рамо имаше 60 настапи, а за Хрватска вкупно 161, сигурно нема да игра на следното Светско првенство во 2026 година.
Да потсетиме, Лука Модриќ по минувањето низ помладите селекции дебитираше со одличен настап за А селекцијата на 1 март 2006 година, а потоа беше и со репрезентацијата на Светското првенство во 2006 година. По доаѓањето на Славен Билиќ за селектор, Лука Модриќ стана стандарден првотимец и во наредниот период се наметнува како еден од најдобрите и клучни играчи на хрватската репрезентација. Својот прв гол го постигна на 16 август 2006 година на пријателски натпревар против Италија.
Тој забележа одлични настапи на европските првенства во 2008, 2012 и 2016 година, кога беше најдобар играч во Хрватска. Модриќ беше хрватски репрезентативец и на Светското првенство во Бразил во 2014 година. Од септември 2016 година Модриќ ја носи капитенската лента на хрватската репрезентација, а на натпреварот против Финска во октомври 2017 година стана шестиот играч со 100 настапи за Хрватска.
Во јули 2018 година со хрватската репрезентација освои сребрен медал на Светското првенство во Русија, а по финалето му беше доделена наградата за најдобар играч на турнирот. Поради неговите клупски и репрезентативни достигнувања во 2018 година, тој ја освои наградата The Best на ФИФА и наградата за најдобар играч на УЕФА, а беше избран и за најдобар играч од средниот ред во Лигата на шампионите. Шлаг на тортата на совршената година на Модриќ беше Златната топка на Франс Фудбал.
