Нема да си дозволам заради политички цели да напаѓам мои поранешни колеги од УЈП кои што заедно со мене седум години биле дел од реформските процеси и сите случувања во УЈП, коментира во разговор за ТВ21 поранешната директорка на УЈП Сања Лукаревска. Таа вели дека имала разбирање за сите и тогашното раководство на Управата сакало да има најдобра организациска структура.
„Трансформацијата која што е направена е согласно закон, затоа што има голем број на вработени. Ние имавме донесено правилник кој е по добиена согласност од Министерството за информатичко општество и администрација и со согласност за обезбедени буџетски средства од Министерството за финансии“, вели Лукаревска.
Таа додава дека во ниту еден момент не е направена било каква злоупотреба како што вчера изјави актуелната директорка на УЈП Елена Петрова.
„Целиот процес го водевме заедно, преку посебен тим и посебна работа група. Тоа беше така за да не повредиме ниту еден работничко право на било кој вработен, тоа беше мојата цел и тенденција“, додава Лукаревска.
Во однос пак на откажувањето на договорите, Лукаревска вели дека иста таква ситуација имало и во 2017 година.
„Јас како вработена во УЈП имам добиено откажување од договор за вработување па нов договор. Тоа беше пракса и затоа сме ја примениле“, заклучува Лукаревска.
