Лукашенко: Кажете му на Трамп дека го чекам во Минск, заедно со Путин и Зеленски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Белорускиот претседател Александар Лукашенко понуди да биде домаќин на мировните преговори за Украина во Минск и упати покана до претседателите на САД, Русија и Украина, Доналд Трамп, Владимир Путин и Володимир Зеленски.

„Кажете му на Трамп дека го чекам овде, заедно со Путин и Зеленски“, рече Лукашенко во видео интервјуто со американскиот блогер Марио Навфал снимено на 27 февруари, пренесува денеска локалната агенција Белта.

Белорусија е главен сојузник на Русија на Владимир Путин и нејзината територија служеше како задна база за руските сили да започнат офанзива против Украина во 2022 година.

„Ќе седнеме и мирно ќе се договориме. Ако сакате да постигнете договор“, рече белорускиот претседател, кој е на власт од 1994 година.

Според него, потребен е договор со украинскиот претседател, „бидејќи зад него стои голем дел од украинското општество“.

„Од границата со Белорусија до Киев има само 200 километри. Половина час со авион. Дојдете“, додаде Лукашенко.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека за Русија Минск е „најдоброто место за разговори“ и додаде дека Минск е сојузник на Русија.

Лукашенко ја пофали желбата на Трамп да стави крај на конфликтот во Украина што е можно поскоро.

„Трамп е добар човек… и тој веќе прави нешто за да стави крај на војната во Украина, војната на Блискиот Исток. Ми се чини дека тој нема друга политика освен завршување на војната. Тоа е одлична идеја“, рече Лукашенко.

Белорусија веќе беше домаќин на разговорите во 2014 и 2015 година меѓу проруските сепаратисти во источна Украина и Киев, со посредство на Москва, Париз и Берлин.

Тие разговори доведоа до потпишување на таканаречените Мински договори кои предвидуваа прекин на непријателствата и политички дел со цел да се најде долгорочно решение. Тој договор никогаш не беше спроведен.