Вторник, околу 15 часот. Во најголемиот трговски центар во нашата земја, Ист Гејт, во време кога имаше раздвиженост на посетители, беше пукано со огнено оружје, а ранет е Раде Трајковски, познато лице за мафијата под прекарот „Штекли“. Покрај него, со прострелни рани се здобило уште едно лице, кое било со него.
Министерот Спасовски тврди дека ова е пресметка помеѓу криминални групи.
Но дали е загрозена јавна безбедност кога вакви случаи се случуваат среде бел ден, пред сведоци, во јавност. Ова не е прв пат Штекли да и избега на смртта. Тој беше мета и во текот на летото, во истиот трговски центар, но на паркингот во подрумот
И во 2019 година имаше престрелки меѓу мафијашки групи во хотел „Александар Палас“.
Но, министерот за внатрешни работи смета дека безбедноста на граѓаните не е загрозена, иако призна дека криминални активности се случуваат секој ден.
Спасовски смета дека МВР постојано дебатира за можни решенија за трговските центри, за да преземат мерки за заштита. Една од можните мерки е поставувањето на скенери на влезот на објектите.
За овој инцидент, реакција стигна од опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот, Драган Ковачки, вели дека МВР целосно потфрлила на чело со Спасовски. Ковачки вели дека МВР не може да го пронајде лицето кое што пукало, иако инцидентот се случил во објект во кој има многу безбедносни камери.
МВР вчера објави фотографија од лицето кое пукаше и ги повика граѓаните доколку имаат некакво сознание или корисна информација која би помогнала во истрагата, да одат во најблиската полициска станица или да се јават во телефонските броеви 192 или 122.
