Македонската репрезентација дојде до четвртата победа по ред во групата во Лигата на Нации, и го обезбеди првото место во групата, и пласман во Б сегментот. Ако имаше некакви дилеми пред овој меч, тогаш сите беа отстранети, и не само што не загубија со голема разлика, туку остварија нова победа со чиста мрежа.
Не беше воопшто лесно да се победи Летонија, која покажа сила особено по првиот дел кога имаше две зрели шанси. Македонија се разбуди дури во вториот дел кога тргна по победата и успеа да дојде до неа. И по водството, Летонците се обидоа да дојдат барем до бод, меѓутоа остварена целта да се заврши уште еден меч во Лигата на Нации со чиста мрежа.
Две шанси имаше Летонија, една Македонија во првиот дел. Главно во првите 45 минути се играше на средината на теренот, Македонија имаше иницијатива, но не успеваше да пробие, се до финишот кога ја имаше најдобрата шанса преку Алими.
Прва закана 11 минута Чурлинов со глава по нафрлена топка на Алиоски, но само крај голот. Најдобрата шанса за Летонија дојде во 15 минута кога по одбиената топка од Димитриевски, Савајниекс не го погоди празниот гол, и шутираше само во надворешниот дел на мрежата.
Македонскиот национален тим во 22 минута остана без Елмас, кој поради повреда мораше да биде заменет.
Најдобрата шанса на мечот во првиот дел, сепак, ја имаше Македонија. Исник Алими убаво се ослободи од одбраната, и шутираше, но голманот Матревич успеа да одбрани и така на полувреме да мируваат мрежите.
Веднаш шанса за Македонија на стартот на вториот дел. Димоски убаво шутираше, беше пред постигнување гол, но топката заврши само над пречката.
Фуриозниот почеток на вториот дел за Македонија, го материјализираше со предност во 57 минута. По изведен корнер, топката од првиот Зајков ја префрли на вториот дирек каде беше Серафимов, кој беше прецизен во мрежата на Летонците, за предност на нашиот национален тим.
Долго време не се случуваше ништо посебно на теренот по постигнатиот гол, а потоа во 82 минута Ќамили пропушти можност да ја зголеми предноста, и се чини да стави точка на победата. Убаво се проби по десната страна, но неговиот удар го сопре противничкиот голман.
На крајот избраниците на Благоја Милевски успеаја да се одбранат и да дојдат до победата.
Последниот меч во групата македонската селекција го игра против Фарски Острови во недела во 15:00 часот.