Македонија ги стартуваше преговорите за ЕУ – Ковачевски: Ова е историски, долгоочекуван и заслужен ден

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Во оваа прилика би истакнал дека преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија веќе почнаа“, вели Јан Липавски.

По 17 години чекање пред вратите на ЕУ, Северна Македонија денеска и официјално ги стартуваше пристапните преговори за членство во европското семејство.

Почетокот на преговорите го објави министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски, чија земја претседава со Европскиот совет.

„Регионалната соработка и добрососедските односи остануваат клучни елементи во процесот на проширување. Северна Македонија треба да продолжи со конструктивната регионална соработка и да ги зајакне односите со соседните земји“, порача Јан Липавски.

Премиерот Димитар Ковачевски пред Европската комисија се обрати на македонски јазик. Тој истакна дека ова е историски ден, долгоочекуван и заслужен. Обединети во различноста е мотото на Европската Унија и Македонија секој ден живее со него, додаде тој.

За Северна Македонија денеска почнува процесот на кој работеше напорно и чекаше долго, рече во својот говор високиот претставник на Европската Унија, Жозеп Борел. Тој увери дека во текот на преговарачкиот процес македонскиот идентитет нема да биде загрозен.

„На вашиот пат кон Европската Унија, нема да го изгубите идентитетот. Никој од нас не го изгубил. Имаме неколкуслојни идентитети. Северна Македонија со својот идентитет, богата историја и култура отсекогаш била дел од Европа. Вам не ви требаат заклучоци од Советот за да го знаете тоа. Вашиот идентитет ќе остане и ќе расте со другите идентитети кои не се алтернативи, туку надополнување“, вели Жозеп Борел.

Денеска е важен ден не само за Северна Македонија, туку и за Европската Унија. Со оваа реченица го започна својот говор еврокомесарот за проширување и добрососедств, Оливер Вархеји. Вели дека гласањето на заклучоците во Собранието за отворање на европскиот пат на земјата е доказ за одлучноста да се продолжи на патот кон ЕУ.

„Вие сте успешен модел на мултиетничко општество и заслужувате да продолжите понатаму со пристапниот процес. Клучно е Северна Македонија да остане целосно посветена на овој процес. Промената на вашиот Устав за унапредување на основните права, автоматски ќе го надополни отворањето на преговорите со одржување на меѓувладина конференција без дополнителни одложувања и политички одлуки“, вели Оливер Вархеји.

За полноправно членство во ЕУ, Македонија аплицираше во 2004 година, а статус кандидат доби во 2005 година. Првата препорака за почеток на преговори ја даде Европската комисија во 2009 година, а Советот на ЕУ ја потврди со едногласна одлука во март 2020 година.