Енергетско поврзување на Северна Македонија со Грција за снабдување со гас на земјава и регионот. Нашата држава се вклучува во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис. Интересот од нашата страна е изразен, а поддршка за проектот е добиена и од САД.
Премиерот Зоран Заев и американскиот помошник државен секретар за енергетика Франц Фанон потенцираа дека проектите за нашата земја ќе овозможат стабилно и континуирано снабдување со гас како и независни и конкурентни цени.
„Со помошникот државен секретар разговаравме за значењето на поддршката за интерконекторот за гас со Грција. Со тоа добиваме уште една можност на снабдување со природен гас од Азербејџан и истовремено и можност за поврзување на LNG -терминалите во Грција но и можностите околу Израел и целиот овој југоисточен Медитеран. Проектите на земјава ќе и обезбедат стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени“, изјави Зоран Заев.
Заев и Фанон разговарале и за повторно ставање во функција на нафтоводот Скопје-Солун кој беше изграден во 2006 година .
„Грчката компанија Хеленик Петролеум е заинтересирана повторно да го стави овој капацитет во функција и да го надгради како продуктив на деривати на тој начин ќе биде создаден ХАБ центар во Скопје и од овде освен домашниот пазар со деривати би се снабдувале и пазарите во другите земји во регионот“, додаде Зоран Заев.
Фанон порача дека геополитичките импликации од проектите се значителни затоа што како што потенцира во моментот регионот има само еден ефективен добавувач на енергија, што значи дека нема пазар, туку земјите се зависни. САД, според него, сакаат да се формира пазар во регионот.
„Северна Македонија е важна во однос на географијата како регионален центар, значи рафинирани производи, увоз на такви производи ,значи дистрибутивна мрежа, значи поголема отпорност одржливост и пазар. Тоа важи и за гасот. Но потребна е политичка волја за ваквата визија да стане стварност и ние сакаме да го поддржиме тоа и да ги поттикнеме американските инвестиции да дојдат овде во Северна Македонија“, посочи Францис Фанон.
Премиерот Заев истакна дека со ова ќе биде создаден – Хаб центар и од тука освен домашниот пазар со деривати би се снабдувале и пазарите на земјите од регионот. Поврзувањето на Северна Македонија со Грција, со поддршка на САД и ЕУ, рече Заев, ја прави нашата земја енергетски коридор за земјите од Југоисточна Европа за алтернативен пристап до значајни енергетски ресурси.
