Македонската фудбалска репрезентација го доживеа и петтиот пораз во Лигата на нациите откако загуби на гостувањето кај Шкотска со 2:1.
Сепак, овој натпревар ќе остане запаметен по тоа што нашата селекција конечно го прекина црниот голгетерски пост.
По неверојатни 844 минути активна игра и 360 дена без постигнат погодок, топката повторно заврши во противничката мрежа. Домашната репрезентација прва дојде во водство во 54-та минута преку МекГин.
По голот Македонија заигра похрабро и успеа да постигне гол.
Радоста пристигна во 57-мата минута кога Елмин Растодер, по корнерот на Енис Барди, го постигна својот прв гол во репрезентативниот дрес за израмнување на 1:1.
Иако овој првенец на Растодер донесе нова енергија и надеж за освојување бод на тешкото гостување, тоа не се случи.
Шкотска брзо ги консолидираше своите редови и повторно го презеде притисокот на нашата половина од теренот.
Во завршницата од мечот домаќините постигнаа и втор погодок од пенал преку МекГин со кој го поставија конечниот резултат на средбата.
Така, и покрај прекинувањето на негативната серија, Македонија со празни раце се враќа од гостувањето во Глазгов.
Известува: Един Растодер, ТВ21 од Глазгов, Шкотска
