Вонредна состојба во воздушниот сообраќај во САД – запрени сите полетувања поради безбедносни причини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Целосен прекин на полетувањата на авионите во Соединетите Американски Држави. Федералната воздухопловна администрација (FAA) издаде наредба за запирање на полетувањата на национално ниво, поради вонредни околности и безбедносни причини.

Според првичните информации, причина за драстичната мерка се проблеми во комуникацискиот систем што ги поврзува центрите за контрола на воздушниот сообраќај низ земјата.

Од FAA потврдија дека дефектот влијае врз работата на регионалните контролни центри, кои се задолжени за координација на летовите и безбедно движење на авионите низ американскиот воздушен простор.

„Воздушниот сообраќај останува во прекин до понатамошно известување. Меѓународните летови ќе се разгледуваат поединечно“, се наведува во официјалното соопштение на американската воздухопловна администрација.

Засега не е утврдена точната причина за техничките проблеми, ниту е познато кога ќе биде дозволено продолжување на полетувањата.

Ваквата одлука е исклучително ретка во американската авијација. Последен пат полетувањата на национално ниво беа запрени во јануари 2023 година, кога откажа системот за известување на пилотите.

Претходно, слична мерка беше воведена по терористичките напади на 11 септември 2001 година, кога американските власти го затворија воздушниот простор од безбедносни причини.

Надлежните служби работат на утврдување и отстранување на проблемот, додека авиокомпаниите и патниците очекуваат дополнителни информации за нормализирање на сообраќајот.