Македонија меѓу потписниците на Киевската декларација, повторена поддршката за Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Учесниците на петтиот Самит Украина – Југоисточна Европа, што се одржа во Киев, усвоија заедничка декларација со која ја потврдија поддршката за Украина и повторно ја осудија руската воена агресија.

Киевската декларација беше потпишана од Украина и уште девет партнерски држави. Во документот се нагласува поддршката за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, како и потребата од почитување на меѓународното право.

Потписниците ја повикаа Русија веднаш да ја прекине војната, да ги врати депортираните украински граѓани и да ги ослободи сите заробени цивили и воени лица.

Во декларацијата се потенцира и значењето на натамошното зајакнување на украинската противвоздушна одбрана, како и обезбедувањето соодветни безбедносни гаранции за земјата.

На самитот присуствуваше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а меѓу потписниците на декларацијата беше и првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања на Северна Македонија, Беким Сали.

Организаторите најавија дека следниот Самит Украина – Југоисточна Европа ќе се одржи во Словенија во 2027 година.