Македонија одбележува 34 години независност – Мицкоски: Залудни се сите напори ако младите се иселат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Осми септември не е само симболичен датум туку момент на историска пресвртница за нашиот народ, за граѓаните, време кога се крена јарболот на независноста, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија за одбележување на Денот на независноста 8 септември „Од сон, до реалност, за вечност“. Во својот говор тој упати и политички пораки, ја спомна актуелната тема со прислушувањето за која рече дека мора да има одговорност, како и за резолуцијата што ја најави Венко Филипче, за која истакна дека со нетрпение чека да ги види црвените линии. Сепак, во фокусот на неговиот говор беше наталитетот, вели дека сите оние заложби на државата за подобар животен стандард е залуден доколку се зголемува иселувањето.

-Залудни се сите наши борби и грижи, ако за 70 до 100 години народот ни се преполови, игралиштата останат празни клупите без ученици. Наш приоритет се европските интеграции, биле, се и ќе останат врвен приоритет. Но тој пат не смее повеќе да биде срамен треба да биде достоинствен треба да биде пат во кој што ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во својата честитка претседателката Гордана Силјановска Давкова рече дека и по 34 години Македонија се уште води битка за суверена и рамноправна, европска држава членка на ЕУ.

-Патот кон правото и правдата води преку европеизирана држава, втемелена на копенхагенски критериуми, преку демократска власт, ограничена со систем на ефикасни спреги и кочници. Младите не се задржуваат и стимулираат со партизација и политизација, туку со образование и наука што стимулираат, почитуваат и наградуваат знаење, труд и заслуги, вели Гордана Силјановска Давкова, претседателка.

По повод 8 септември честитка испрати и претседателот на Собранието Африм Гаши во која повика на обединување околу вредностите, на сплотеност и посветеноста за исполнување на аспирациите на земјата.

-Само со сплотеност и заедничка посветеност можеме да ја реализираме визијата за посветла иднина на нашата држава и за идните генерации. Северна Македонија, 34 години по прогласувањето на независноста е држава која напредуваше во многу аспекти и стекна почит на меѓународната сцена, изјави Африм Гаши, претседател на Собрание.

На 8 септември 1991 година на референдум граѓаните се определија за самостојна и суверена држава. Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија, гласеше честитката на првиот претседател на државата Киро Глигоров од градскиот плоштад веднаш по објавувањето на резултатите.