Македонија слави 35 години независност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 8 септември 1991 година, граѓаните на Македонија на историскиот референдум со убедливо мнозинство ја потврдија волјата за суверена и независна држава. Референдумот претставуваше историска пресвртница и почеток на процесот на градење самостојна држава, со сопствени институции, дипломатска мрежа, безбедносен систем и економски политики.

Три и пол децении подоцна, 35 години независност се одбележуваат низ период исполнет со политички пресврти, безбедносни предизвици, тешки компромиси и континуирани напори за меѓународна афирмација. Од мирното осамостојување и членството во Обединетите нации, преку конфликтот во 2001 година и Преспанскиот договор, до членството во НАТО, развојот на државата се одвиваше низ значајни политички и општествени процеси.

По повод 35-годишнината од независноста, денеска се предвидени низа активности и свечености.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во 8:30 часот ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на претседателот Борис Трајковски и на првиот претседател на Владата, Никола Кљусев. Цвеќе ќе положат и делегации на Собранието, Владата, Генералштабот на Армијата, верските заедници, институциите, дипломатскиот кор и политичките партии.

Во 11 часот, во Вила Водно, ќе се одржи церемонија на доделување на Орденот „8 Септември“. Претседателката Сиљановска-Давкова ќе им додели одликувања на Јордан Плевнеш и Раде Силјан, а постхумно на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, по повод 35-годишнината од независноста, ќе биде домаќин и ќе се обрати на централната свеченост под мотото „Силно светнал ден!“. Настанот ќе се одржи на платото пред Владата, со почеток во 14 часот.

Во рамки на одбележувањето, Националниот археолошки музеј – Скопје организира свечен музејски настан „35 години – 35 предмети – 35 приказни“. Настанот ќе започне во 15 часот, а преку 35 внимателно одбрани предмети и нивните приказни ќе биде претставено богатото културно и историско наследство на земјата.

Кулминација на прославата ќе биде вечерашниот концерт на светски познатиот диџеј и хаус-продуцент Давид Гета, кој ќе настапи на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје. Гета ќе настапи со продукцијата „The Monolith Stadium Show“.

Концертот е финале на програмата „35 години независност на Македонија“, која во периодот од август до септември опфати бројни културни и музички настани низ повеќе општини во државата.

Во рамки на прославата, на 1 септември во Скопје настапи светски познатиот тенор Хосе Карерас, заедно со македонски музички уметници и Македонската филхармонија.

На 4 септември беше одржан и мултимедијалниот сценски спектакл „Силно светнал ден“, со учество на повеќе од 120 артисти. Караванот започна на 9 август во Охрид и посети 12 градови низ земјата, со настапи на познати македонски музички изведувачи и актери.

Музичката програма по повод 35 години независност е реализирана од „Авалон продукција“ во соработка со Владата.