Македонија со поддршка за Украина – Урбанович: Владата го продолжи Законот за привремена заштита

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија би ја поддржала поканата за членство на Украина во НАТО кога би се создале услови за тоа. Во заедничката декларација Украина – Југоисточна Европа, чиј потписник во Киев беше заменикот министер за надворешни работи Зоран Димитровски, се вели дека земјите од регионот го осудуваат учеството на војски од трети земји во руската агресија над Украина и исто така ќе се залагаат за членство во Унијата на сите земји-кандидатки, зашто тоа ќе доведе до поголема стабилност во Европа.

„Го поздравуваме тоа што на Самитот на НАТО во Вашингтон, сојузниците ја повторија својата посветеност да продолжат да ја поддржуваат Украина на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатланска интеграција, вклучително и членство во НАТО. Ние би ја поздравиле поканата за Украина за членство во НАТО, кога сојузниците ќе се согласат и ќе бидат исполнети условите.“.

Во меѓувреме, од здружението на Украинци во Македонија „Лесја Украинка“ се заблагодарија што државата продолжува да биде посветена за помош на Украина. Оттаму велат дека веќе се решени предизвиците за оние бегалци што пристигнале тука, иако поголемиот број од нивните сонародници заминале во останатите европски земји, бидејќи со тамошните закони можеле побрзо да ги остварат своите права.

„Владата го продолжи Законот за привремена заштита, што овозможи до средина на август 2025 година, луѓето тука да имаат дозвола и со таа дозвола можат да се вработуваат и да престојуваат во Македонија.“, вели Урбанович.

Последно, Македонија со воена помош и помогна на Украина минатиот ноември, а министерот за одбрана Владо Мисајловски, во интервју, истакна дека е добро што новата администрација во САД наговестува дека ќе започне разговори за мир.

Во меѓувреме, министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани го посети Киев, каде заедно со неговата колешка од Украина, Олга Стефанишина потпишаа Меморандум за соработка, кој ќе овозможи размена на знаење и искуства за европската интеграција.