Идното претседавање на Македонија со мисијата во 2023 година ќе биде можност и привилегија да се покаже нашата вистинска слика пред светот , истакна министерот Османи на одбележувањето на 30 годишнината од партнерството со ОБСЕ осврнувајќи се на нашето идно претседавање на мисијата.
За време на претседавањето ќе бидат одржани две големи конференции, првата во декември идната година која ќе се одржи во Скопје а на која ќе учествуваат претставници на сите 57 земји членки, а втората, Македонија како актуелен претседавач со Медитеранската група партнери на ОБСЕ ќе ја организиран во главниот град на Јордан, Аман.
„Не случајно помина толку лесно нашата кандидатура, со консензус од 57 земји учеснички на Министерскиот совет во Тирана како признавање на успесите на една држава која што ги постигна своите стратешки цели, постигна еден уникатен модел на развој на државата и тоа во еден тежок регионален контекст, во едно тешко соседство, во една комплицирана внатрешна композиција, денеска е уникатен модел на функционална мултиетничка демократија“, истакна Бујар Османи.
Шефот на мисија на ОБСЕ во земјава Клеменс Која, кој наскоро го завршува својот мандат, истакна дека поддршката кон Македонија била голема во сите сфери.
„Исто така работевме да ги поддржиме напорите за борба против коруцијата во земјава, вклучувајќи ја и помошта на Државната комисија за спречување на корупцијата, локалните власти и Министерството за внатрешни работи да почнат да креираат политики за зајакнување на интегритетот на јавните институции. Јас сум исто така горд од одговорот на Мисијата на пандемијата од Корона кризата“, вели Клеменс Која.
Македонија воспостави партнерство со ОБСЕ во 1992 со цел да се спречи прелевање на конфликтите од екс југословенските простори.
