Основниот суд во Улцињ ѝ одреди 30-дневен притвор на 43-годишната С.С. од Скопје, осомничена за кривичното дело убивање и мачење животни, откако со автомобил прегази и усмрти куче од расата шарпланинец.
Според судот, притворот е определен поради опасност од бегство, бидејќи таа по настанот наводно се обидела да ја напушти Црна Гора, но била уапсена од полицијата.
Според информациите на црногорските медиуми, инцидентот се случил откако шарпланинецот го усмртил нејзиното куче од расата ши-цу. Случајот предизвика силни реакции на социјалните мрежи, каде беше објавена и снимка од прегазувањето.
Доколку биде прогласена за виновна, според црногорскиот Кривичен законик, С.С. може да биде казнета со парична казна или со затвор до две години.
