Намерно или случајно, францускиот претседател Емануел Макрон не заедничката прес конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Македонците ги нарече Северномакедонци.
„Северномакедонците направија историска работа. Со храброста на некои лидери, како Зоран Заев, кој со своите залагања презеде многу ризици за менување на името на државата и уставни измени. Додека со мало доцнење една земја членка побара измени и ние не можеме да се правиме како да не постои“, рече Макрон.
Инаку со Преспанскиот договор, Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија а јазикот што се зборува е македонски, и народот се нарекува македонски.
„Следните часови ќе има дискусија со Северномакедонците за постигнување договор за се да се движи напред. Се надеваме дека следната недела ќе имаме можност да имаме континуирани средби за процесот да се движи напред и Северна Македонија и Албанија да чекорат напред“, вели Макрон.
Но според министерот за надворешни работи Бујар Османи ваквата формулација била ненамерна. Вели дека вака му било кажано и во комуникација со француската делегација.
Но, Макрон или често прави грешки или сепак не станува збор за грешка. Доцна попладнево, повторно не нарече „северномакедонци“.
„Машината е подготвена за да се одобри тоа што ќе биде одлучено, ова е многу добар сигнал, сакам да му честитам на бугарскиот премиер и опозициските сили кои се здружија околу ова гласање, но и да им се заблагодарам на „Северномакедонците“ за нивниот напредок. Има уште многу да се направи, но ова е важен напредок“, рече Макрон.
Во меѓувреме францускиот претседател, Емануел Макрон чија земја е претседавач со ЕУ до крајот на овој месец, се надева дека се уште е можен договор меѓу Скопје и Софија за преговарачката рамка иако вчера премиерот Димитар Ковачевски го одби францускиот предлог и рече дека прифатлив ќе биде само договор кој што ги почитува црвените линии на државата.
