Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва по средбата со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски изјави дека треба да се продолжи со заедничката акција за мир и безбедност.
„Да продолжиме со нашата заедничка акција за мир и безбедност. САД, Украина и Франција се заедно во овој предизвик“, напиша Макрон на платформата X по средбата во Елисејската палата.
Зеленски рече дека имал добра средба со Макрон и Трамп, кој официјално ќе ја преземе функцијата претседател на САД на 20 јануари.
„Имав добра и плодна трилатерална средба со претседателот Доналд Трамп и претседателот Емануел Макрон во Елисејската палата. Сите сакаме оваа војна да заврши што е можно поскоро и на фер начин“, рече Зеленски по 35-минутната средба.
По средбата во дворот на Елисејската палата, Трамп и Зеленски се ракуваа.
Тројцата потоа заедно отидоа на свеченото отворање на реновираната катедрала Нотр Дам, а како што пренесуваат француските медиуми, Зеленски пред катедралата бил пречекан со овации.
