Во октомври минатата година министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, најави дека во јануари ќе се знае колку административни службеници ќе бидат прераспределени во приватниот сектор. Веќе три пати се пролонгираше објавувањето на функционалната анализа, која предвидува намалување на бројот на административците. Манчевски повика кога веќе се чекало 30, јавноста да се стрпи уште неколку месеци.
Јавниот сектор во земјата брои 140 илјади вработени. Над 21 илјада административци се Албанци, од кои 1507 сѐ уште не се систематизирани, односно земаат плата, а не одат на работа. За ова, Садула Дураку во емисијата „Клик Плус“ пред неколку месеци изјави дека овие вработени ќе бидат распоредени во институции, но сепак денеска не се произнесе по ова прашање.
Според Регистарот на јавниот сектор од 2018 година, 307 административци се вработени без образование, 10.015 само со основно, 38.373 со средно образование, а останатите се со додипломски и постдипломски студии.
