Државниот пазарен инспекторат и Владата преку фактурите гледаат како дел од маркетите непазарно ги покачуваат цените на овошјето, зеленчукот и останатите прехранбени производи. Но, се додека не се најде некој кој ќе го пријави кршењето на Законот за спречување нефер трговски практики, маркетите ќе можат да си ги штелуваат цените за што поголема заработка, која што ќе ја платат директно граѓаните.
„За жал, до овој момент имаме само индиции, никој не сака да посведочи. Кога би посведочил, ќе ни биде нас многу поедноставно во делот на истрагата. Затоа, јас апелирам до сите трговци, до сите производители, оваа нефер трговска пракса, која што ја прават дел од маркетите, преку одредени маркетинг услуги, истражување на пазарот и слично, да наплаќаат некакви маргини, кои што потоа, на крајот на денот граѓаните преку цените на производите ги плаќаат. Ги повикувам, ве молам, помогнете за да помогнеме.“, изјави Мицкоски.

Мицкоски вели дека на терен се излезени Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) во засилени контроли. Според премиерот Мицкоски, симболичната казна од по 50.000 евра на четирите маркети за картелско здружување е предупредување до нив и вели дека во наредниве неколку месеци засилено ќе ги контролираат овие маркети и ако не се поправат, ќе се преземат сериозни мерки. Тој не најави нови мерки за намалување на инфлацијата.
„Ги анализираме сите аспекти, но било каков интервенционизам ќе значи само префрлање во другите месеци. Искуството тоа го покажа. Да, можеби тој месец ќе имаме поевтина цена на артиклите, но трговците тоа потоа го пренесуваат во следните месеци и накрај нето повисока е цената што ја плаќаат граѓаните.“, рече Мицкоски.
Според Државниот завод за статистика, во ноември базичната инфлација, односно онаа инфлација во која не влегуваат цените на енергенсите и на храната по двомесечното намалување имаше мало зголемување од 0,4 насто, што укажува дека се уште има и системски притисоци врз растот на цените.
