Мавровското Езеро е порибено со вкупно 400 килограми пастрмка и крап, а речна пастрмка е внесена и во дел од реките на територијата на Националниот парк „Маврово“. Активностите се спроведени со цел обновување на рибниот фонд, унапредување на водните екосистеми и зачувување на природната рамнотежа.
Порибувањето е реализирано согласно Риболовната основа и Годишниот план за порибување. Во водите на Мавровското Езеро биле внесени 200 килограми пастрмка и 200 килограми крап, додека во дел од реките во рамките на националниот парк била внесена речна пастрмка.
Од Националниот парк „Маврово“ посочуваат дека ваквите активности се дел од напорите за зачувување и унапредување на природните богатства, како и за одржување на биолошката разновидност во заштитеното подрачје.
Паралелно со порибувањето, Службата за заштита на природата спроведува редовни контроли на водите и на територијата на паркот. Контролите имаат цел да го спречат нелегалниот риболов и да обезбедат заштита на природните ресурси.
Од Националниот парк апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата за риболов и да се однесуваат одговорно кон природата, нагласувајќи дека зачувувањето на водите и рибниот фонд е заедничка одговорност.
