Маж од Грција почина откако го каснал пајак

НАЈНОВИ ВЕСТИ

48-годишен маж почина на Пелопонез. Се верува дека неговата смрт е поврзана со каснување од пајак, пишува грчкиот весник „Вима“, истакнувајќи дека пајаците во Грција генерално не се смртоносни. 

Според локалните медиуми, мажот по потекло од централна Грција, бил каснат за бутот од отровен кафеав пајак во неделата додека бил на одмор.

Откако во следните два дена болките во бутот се влошиле и забележал силен оток, отишол на лекар, кој му констатирал сериозна состојба и веднаш го примил во болница. 

Бројните тестови во болницата не откриле алармантни знаци за неговото здравје, но неговата состојба брзо се влошила и бил интубиран, по што починал.

Точната причина за неговата смрт останува непозната. Според директорот на болницата Спирос Политис, поголема јасност ќе има по обдукцијата која е закажана за денеска и токсиколошките тестови. Тој изјави дека досега ништо не е пронајдено во крвта на починатиот, освен потврда дека се работи за каснување од пајак, а не за каснување од змија, што е почест случај.

Кафеавиот осаменик е пајак со некротичен отров кој е сличен на оној на другите осаменички пајаци. Нивните каснувања понекогаш бараат лекарска помош, иако според експертите, во 90% од случаите жртвите успеваат да заздрават без медицинска интервенција, се наведува во публикацијата.

Директорот на хируршката клиника во болницата Пиргос, Ангелаки Сарантопулос, изјави дека нема противотров за каснување од пајак, а пациентите во многу случаи не ни сфаќаат дека се каснати.

Пајаците во Грција се обично мали и не се опасни. Тие најчесто се наоѓаат во шумите и руралните области, но понекогаш се појавуваат и во хотелските соби.