Со тешки повреди на лицето, скршена рака и загуба на повеќе од два литри крв, Виктор Селигеев преживеал напад од мечка во руската тајга. Иако од страшната средба поминале пет години, последиците од нападот и денес се видливи на неговото лице.
Селигеев бил во шумата за да собира пињоли, кога на само неколку метри зад себе забележал мечка. Наместо да бега, се обидел да се сокрие зад дрво, но животното го пронашло и го нападнало.
„Беше тишина и мир. Одеднаш почувствував некој зад себе. Се свртев и видов мечка на околу три метри оддалеченост“, се присетил Селигеев во разговор за РИА Новости.
Според неговото сведоштво, мечката прво го влечела преку пропланок, а потоа скокнала врз него. Во нападот му биле скршени повеќе ребра, а животното му нанело тешки повреди на раката и лицето.
„Ме влечеше малку преку пропланок, а потоа скокна врз мене. Сè внатре почна да ми експлодира, ребрата ми се кршеа. Потоа почна да ме гризе“, раскажал тој.
Мечката тешко му ја повредила раката, му го згмечила носот и целосно му ја откинала горната вилица. Селигеев подоцна дознал дека лекарите сметале дека имал голема среќа што животното не му го пробило черепот.
Нападот траел неколку минути, по што мечката се повлекла. Селигеев не знаел зошто животното престанало да го напаѓа.
Со последните сили стигнал до пријателите
Откако мечката се оддалечила, Селигеев сфатил дека мора сам да стигне до своите пријатели, кои биле на околу километар и половина.
Со последните сили тргнал кон нив, ги повикувал и на крајот стигнал до патот, каде што се срушил. Пријателите го слушнале и му пружиле прва помош.
Еден од нив заминал на околу 20 километри за да најде телефонски сигнал и да повика помош, додека останатите направиле импровизирани носилки од гранки и го пренеле до логорот.
На хеликоптерот чекале седум часа. За тоа време Селигеев останал свесен, иако изгубил повеќе од два литри крв.
„Изгубив повеќе од два литри крв. Момците грееја вода и ставаа шишиња околу мене“, раскажал тој.
Седум операции и пет години опоравување
По спасувањето бил пренесен во болница во Абакан. Лекарите најпрво ги оперирале повредите на раката и лицето, а во текот на лекувањето имал вкупно седум операции.
Опоравувањето трае веќе пет години, а на лицето и понатаму му останале длабоки лузни од нападот.
И покрај трауматичното искуство, Селигеев не се откажал од одењето во тајгата. Вели дека повеќе не се плаши од мечки, иако годинава, според неговите зборови, нивниот број е особено голем.
Сепак, по нападот презел дополнителни мерки на претпазливост. Набавил куче кое треба да го предупреди доколку во близина се појави предатор.
