Меџити: Џафери се однесува како млада невеста, а Груби преку негови портали диктира како да работи Обвинителството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изет Меџити синоќа беше гостин во студиото на ТВ21 во дебатниот магазин „Клик Плус“. Лидерот на „Демократско движење“ вели дека ДУИ е завршена приказна за него посочувајќи дека партијата во последно време создавала само непријатели.

„Ако го следите ДУИ, во последно време создаваше и создава само непријатели, дали со албанските партии, дали со ВМРО ДПМНЕ, дали со меѓународната заедница поради индивидуите кои се на црни листи, со медиумите исто така. Земајќи го сето ова во предвид мислам дека победата на нашиот кандидат за претседател ќе биде неспорна“, рече Меџити.

Во однос на актулниот технички премиер Талат Џафери, Меџити рече дека се однесува како млада невеста.

„Техничкиот премиер без никакви ингиренции, Талат Џафери, не е премиер, туку повеќе личи на „млада невеста“ која ја носат да ја претстават пред семејството. ПР му прави Груби со разните негови посети во администрацијата изигрувајќи инспектор“, рече Меџити.

Меџити во два мандати беше и градоначалник на Чаир, а во дебатниот магазин зборуваше и за дивоградбите. Според него, вицепремиерот Артан Груби преку негови портали му кажува на Обвинителството што да работат.

Меџити како поранешен градоначалник на општината рече дека на многу функционери на ДУИ како и на многу граѓани им овозможил легализација на своите домови кои имале статус на дивоградби.

„Да не споменувам сега кои портали, Артан Групи поседува неколку. Преку тие портали тој укажува на јавното обвинителство што да работат, со кои предмети да се занимаваат“, рече Меџити.

Во однос на претстојните избори, изрази уверување дека ќе има проевропска Влада.

„Убеден сум дека по изборите ќе имаме проевропска влада која ќе ги спроведе уставните измени и ќе го продолжи патот на евроинтеграциите“, рече Меџити.

Инаку Изет Меџити беше дел од таканаречената „огнена група“ во ДУИ заедно со Муса Џафери и Блерим Беџети, последните двајца останаа во ДУИ, додека Меџити формираше своја партија, која сега е дел од опозицијата.