Меџити: ДУИ ќе раководи со три собраниски комисии – Заев: Заменик-министрите ќе се знаат до крајот на неделава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

До крајот на неделава ќе ги имаме имињата на заменик министрите, најави премиерот Зоран Заев. Тој рече дека деновиве до Собрание ќе ги достави предлозите, додавајќи дека планира на неколку пратеници да им понуди раководни места во неколку државни институции.

Заев додаде дека парламентарното мнозинство во Собрание е стабилно и дека очекува со добар дијалог истото да се зголеми. Овие денови треба да се свика пленарна седница за формирање  на работните тела, рече координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити кој сепак не потврди дали има договор за комисијата за европски прашања. Тој рече дека според бројот на пратеници по 8 комисии ќе добијат СДСМ и ВМРО дпмне , ДУИ ќе раководи со 3 комисии, а Алтернатива и АА, со 2.

Бидејќи се уште не се формирани комисиите, не може да работи ниту Собранието бидејќи сите закони треба  да поминат на дебата и во работните групи. Така што, се уште се чека да се донесат измените на законот за основно и средно образование со кои ќе се уреди пролонгирањето на учебната година на 1 октомври, како и скратувањето на наставниот час за 10 минути. Пред неколку дена од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, информираа дека откако ќе се постигне договор ќе се свика и седница за формирање на комисиите.