Молк во ДУИ ден по известувањата на ТВ21 дека партијата се подготвува за избор на нови претседатели на ограноците управувани од Огнената група и дека на средба на раководството, без учество на Огнената група, едногласно е изразено мислење за нивно исклучување од партиските органи.
ТВ21 побара став од портпаролот Бујар Османи и од координаторот на изборниот процес Ејуп Рустеми, но ниту еден не одговори. Тој кој што потврди за средбата на раководството без присуство на фракцијата Огнената група е еден од раководителите на оваа група, Изет Меџити. Според него, ДУИ е влезена во длабока анархија и додава дека на тој состанок е дојдено до заклучок дека начелото “еден член, еден глас“ не важи за изборите во ограноците и дека една едноставна иницијатива на еден член или граѓанин во Управниот суд, според Меџити, може да го остави Али Ахмети без партиски огранок.
„Тие одржаа таен состанок на централното раководство каде од 33 члена, само 7 или 8 члена и двајца членови од генералниот совет. Значи и ова е нестатутарна средба. Онаму каде што се дебатира дали треба да се исклучи Огнената група и тоа го прават на перфиден начин како што ги разрешија функционерите на Огнената група и кога ќе ги слушнете во медиумите велат дека сме и ги дале позициите на Алијанса. Прашањето е зошто тие места да и се дадат на Алијанса? Дали Алијанса ги побара тие места?“, вели Изет Меџити.
Што се однесува до исклучувањето на „огнената група“ од партиските органи, Меџити рече дека најлесно е да се формира нова партија, но според него ова е тема која другите се обидуваат да ја наметнат, бидејќи не сакаат да го дефакторираат албанскиот глас.
„Формирањето на политичка партија, никој не се сомнева дека можеме да ја формираме. За еден ден може да се соберат илјада потписи. Не сакаме да го дефакторираме албанскиот глас. Ги дадовме сите докази и сите можности да се најде решение за обединување, унифицирање и зајакнување на албанскиот фактор во Република Македонија. Но, не можеме да молчиме кога некој повикува на европски фронт за обединување на Албанците додека неговата партија се расцепкува“, додава Изет Меџити.
Изборниот процес на новите претседатели на ограноците на ДУИ се очекува да заврши до јуни. За огранокот Чаир, кандидати за кои се разговара се Адријан Муча, Абдилселам Селами и Беким Незири. Неофицијално се дознава дека група луѓе блиски до Назим Буши инсистирале да го преземат огранокот Чаир, но изворите велат дека оваа група може да ја поддржи и кандидатурата на Беким Незири.
