Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), составен од 35 земји, изгласа резолуција со која Иран се упатува пред Советот за безбедност на ОН – за првпат по 20 години – поради прекршување на обврските за неширење на нуклеарното оружје, соопштија денеска дипломати.
Оваа резолуција следи по претходната, усвоена на 12 јуни минатата година – еден ден пред Израел да започне со бомбардирање на иранските нуклеарни постројки, потег на кој набрзо се приклучија и САД – со која беше утврдено дека Иран не ги исполнува споменатите обврски. Беше потребна дополнителна резолуција за формално упатување на прашањето до Советот за безбедност поради овие прекршувања.
Иако е малку веројатно дека Советот за безбедност ќе преземе конкретни мерки против Иран – со оглед на тоа што неговите сојузници Русија и Кина се постојани членки со право на вето – овој потег претставува чекор напред во дипломатскиот судир меѓу Иран и западните сили. Иран завчера предупреди дека ќе возврати доколку се усвои резолуцијата.
Текстот, предложен од САД, Велика Британија, Франција и Германија, беше усвоен со 23 гласа „за“, три „против“ и осум воздржани, изјавија дипломатите по состанокот на МААЕ зад затворени врати. Според нив, Русија, Кина и Нигер гласале против мерката. „(Одборот) бара од генералниот директор на МААЕ да поднесе извештај за оваа резолуција и за претходно усвоените резолуции… до сите земји-членки на Агенцијата, до Советот за безбедност и до Генералното собрание на Обединетите нации, во согласност со релевантните одредби од Статутот на МААЕ“, се наведува во текстот на резолуцијата.
Иако утврденото непочитување на обврските датира од пред војната меѓу САД и Иран – и произлегува од неуспехот на Иран да го објасни потеклото на трагите од ураниум пронајдени на непријавени локации што Агенцијата со години ги истражува – сега постои нов конфликт во врска со пристапот на МААЕ до тие локации, кои беа бомбардирани од Израел и САД.
