Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити реагираше до неговиот сопартиец Артан Груби во врска со објавата на видеото на која пее Али Ахмети. Меџити вели дека ова е злоупотреба на ликот на Ахмети за дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми.
„Да го снимаш Али Ахмет како пее и потоа да ја објавиш истата снимка, да ја дефокусираш јавноста од вистинските проблеми, е бесрамна злоупотреба на неговиот лик… Да го снимаш Али Ахмети и да ги зачуваш овие видеа за да ги користиш кога ти одговара не е коректно и тоа изгледа дека тоа не се случува првпат. ДУИ мора да се ослободи од узурпаторите, платениците и неспособните!“, вели Изет Меџити.
Од Груби побаравме одговор за овие обвинувања, но одговор не добивме.
Незадоволните членови на ДУИ, веќе познати како „огнената група“, веќе подолго време ја критикуваат работата на министрите интегративци.
За ова денеска зборуваше министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој вели дека не можат да губат време коментирајќи ја секоја неформална проценка бидејќи, како што вели, тогаш нема да имаат време за работа.
„Ако почнеме да коментираме секакви неформални коментари за нашата работа, нема да имаме време за работа. Оценувањето на работата на министрите, особено на МНР, го прават објективни институции како што е Европската комисија. Мислам дека ЕК е најобјективен оценувач на работата на одредени институции, особено во услови кога се почнати преговори, бидејќи кој прави оценки има доза на субјективност во тоа оценување. Единствениот ЕК оценува во согласност со објективни параметри. Горд сум на работата на МНР за 2022 година“, вели Бујар Османи.
Од друга страна, „огнената група“ во саботата почна да излегува да разговара со симпатизерите за нивните негодувања и работата на владата овие 2 години. Започнаа од Студеничани, а најавија и други средби со граѓаните.
