Секојдневниот хаос со паркингот во Клиничкиот центар Мајка Тереза ќе се среди со три катни гаражи. Ова решение го најави министерот за здравство Фатмир Меџити кој исто така рече дека бројот на автомобили ќе се намали, бидејќи хроничните терапии за пациентите кои од разни места доаѓаат на Клиничкиот центар, ќе можат да ги добиваат и од матичниот лекар. За гаражите, Меџити рече дека побарал финансиска помош од компаниите и банките од земјава и истите одговориле позитивно.
-Местото што го одредивме е кај стара Гинекологија кај главниот влез и другата кај хелиодромот и еден дел кон модуларните бараки на клиниката за инфектологија, се размислува да се отстранат и на тоа место да се направи паркинг-рече Меџити.
Министерот Меџити само што дојде на оваа функција, за подобрување на условите за третман на пациентите вети дека ќе направи уште еден ургентен интернистички центар како тој на хирургија.
„Предвидовме итен интерен центар со тријажа, тука ќе биде полесна функционирањето меѓу клиниките на Клиничкиот центар, но и на пациентите. Во тој ургентен центар ќе дојдат сите пациенти кои имаат интерни проблеми. Таму ќе се лекуваат и надгледуваат, оние кои немаат потреба од понатамошно лекување ќе си одат дома, другите ќе бидат третирани во специјални клиники, каде што ќе има потреба.“, рече Меџити.
Меџити, како и неговите претходници, е за идејата за нов Универзитетски клинички центар. Дополнително, тој вели дека предвидел изградба на неколку дополнителни центри во други градови кои ќе се поврзат со централниот во Скопје. Според него, со ова би се ставило крај на сите проблеми на здравствениот систем во земјава, но не се знае кога ќе почне и кога може да заврши.
