Меџити за ДУИ: Хистерични се!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити одговарајќи на новинарско прашања во врска со реакцијата на ДУИ за изјавата на косовскиот премиер Албин Курти, вели дека се „хистерични“.

-Хистерични се. За да сфатите како реагираат ДУИ на овие работи: министрите на ДУИ во минатата влада имаат дадено писмено мислење во врска со балансерот и сите, до еден, дадоа негативно мислење дека на балансерот му е поминат рокот, дека е несоодветен механизам, и истите тие, кога се укина од Уставниот суд, од судии кои беа избрани од нивното мнозинство, тие излегуваат и протестираат зошто се укинува балансерот. А самите го барале тоа. Значи, луѓето се во паника, немаат визија и никако да се соочат со новата реалност дека се во тешка опозиција, изјави Меџити по отворањето на „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“.

На прашањето дека премиерот Христијан Мицкоски кажал дека „речиси сите земји членки на ЕУ поддржуваат уставни измени со одложено дејство“ и кои се тие земји, првиот вицепремиер не одговори конкретно, но рече дека „тие се во врвот на приоритетите на оваа европски ориентирана влада“.

-Работиме секојдневно со нашите стратешки партнери и сум оптимист дека во оваа насока ќе успееме, рече Меџити.