Меѓународен ден за борба против корупцијата – Гаши: Трагично е кога зборот „политика“ се поврзува со зборот „корупција“

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Поставивме јасни приоритети за нов стандард на транспарентност, зајакнување на одговорноста, унапредување на институционалната етика и отворање на Собранието кон општеството. Ова го истакна претседателот на Собранието Африм Гаши во обраќањето по повод меѓународниот ден на борба против корупцијата, кој притоа рече дека не е добро тоа што корупцијата секогаш се поврзува со политиката.

„Иако се претпоставува дека политиката треба да го подобри животот и да ја гради иднината, трагично е кога една земја ќе дојде до точка каде што за многу граѓани зборот „политика“ се поврзува со зборот „корупција“. Ова е индикатор дека веќе не се соочуваме само со институционален проблем, туку со длабока рана во општествената култура, менталитет кој е вкоренет години наназад преку злоупотреби и разочарувања“, изјави Гаши.

Новоименуваниот претседател на Антикорупциска комисија Адем Чучуљ или како што Гаши го нарече новиот капетан на бродот во битката со корупцијата најави национална стратегија во справувањето со ова општествено зло.

„Во следниот период ќе продолжиме со уште поголеми интензитет да го промовираме личниот и институционалниот интегритет преку унапредување на интегритетот во сите органи на јавната власт, автоматизирани системи за препознавање на ризиците од корупција, зајакнување на механизмите за управување со судирот на интереси, поддршка на укажувачите обучување на раководните структури во институциите. Особен предизвик ќе претставува прилагодување и имплементација на системот на интегритет во институциите на правосудството“, вели Чучуљ.

Во годишниот Извештај за напредокот на земјава на Европската комисија беше наведено дека во борбата против корупцијата нема реални резултати и постојат системски слабости. Таа останува да биде причина за сериозна загриженост и претставува значаен предизвик што мора да се реши, беше наведено во Извештајот на Европската комисија.