Ова е секојдневната бучава што жителите на селото Мерово, во Општина Желино, се принудени да ја трпат.
Ова е единствениот начин да обезбедат една капка вода за пиење.
Иако селото има само околу 50 населени куќи, недостигот на вода останува долгогодишен предизбик, кој уште повеќе се влошува во летниот период со доаѓањето на иселениците.
– Во 1998 година ископав еден бунар. За канализација го направија овој канал наваму и така остана. Го изградија и резервоарот таму, па и тој остана така. Вчера дојдоа овие четворица и работеа. Колку сработиле, не знам…
– Дали некој од Општината некогаш дошол за куќите, или не?
– Не. Од Општината досега никој не дошол за куќите. Велат дека се работи, сè уште се работи.
– Дали се поставени цевките за селото?
– Некаде се поставени, некаде не. За тоа не знам.
– Вода во куќите имаме само од бунарите и вака по маалата. Цевките се поставени, сега чекаме да се пушти водата. Веќе два, три, четири месеци се работи и се работи добро…Во селото има околу 50 куќи во кои се живее, не повеќе. Останатите се иселени, на печалба се.
Градоначалникот на Општина Желино, Блерим Сејдиу, објаснува дека доцнењето се должи на процедурите за приклучување на електричната мрежа, но ветува дека проектот официјално ќе биде завршен во рок од две недели.
„Да, во Мерово досега не сме го пуштиле водоводот во употреба, но постојано работевме и кажувавме дека работиме на тоа. Очекуваме во рок од две недели официјално да го пуштиме во употреба водоводот во Мерово. Имавме некои дефекти околу приклучувањето на електричната мрежа, бидејќи транспортот или пренесувањето на водата до таму функционира со електрична енергија и системот мораше да биде приклучен и на мрежата на ЕВН. И тој проблем е надминат… Во рок од две недели, заедно со министерот за животна средина, официјално ќе го пуштиме во употреба и овој проект.“, вели Блерим Сејдиу.
Останува да се види дали ветувањето на надлежните ќе биде исполнето во наредните две недели. Со таа надеж живеат и жителите на Мерово, кои очекуваат конечно да престанат секојдневно да го слушаат бучењето на хидрофорите.
