Миланов: 30 илјади пораки беа извадени од мобилниот на Вељаноски, ниедна комуникација нема со Атанасовски, Бошкоски и Јанакиески

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска во Кривичен суд, завршни зборови за случајот „Организатори на упадот и насилства во Собранието“. Адвокатот на обвинитетите Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски даде изјава за обвиниението.

„Уставниот поредок пред 27 април 2017 година е парламентарна демократија. И по овој датум е парламентарна демократија. Не постои друг систем. Затоа, овој прв и основен дел од обвинението: Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, што им се става на товар на овие обвинети овде, не е исполнет. Ниту со пожар, ниту со експлозии, или општо опасно дејствие, што е услов за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, нема загрозување. Овие обвинети не направиле такво нешто”, рече адвокатот Еленко Миланов.

Адвокатот забележа дека неговите клиенти биле обвинети за план за насилство, откако завршни зборови даде обвинителката Вилма Русковска.

„За Трајко Вељаноски, обвинителката Русковска кажа дека улогата му била да спречи мирно примопредавање на власта. Каде гледате тука акт на насилство?“, праша Миланов.

„Понатаму, вели улогата на Ристовски била да ги организира групите со акт на насилство да го спречат изборот. Каде тука има насилство од Ристовски?“, праша адвокатот.

„Вељаноски воопшто нема комуникација со обвинетиот Владимир Атанасовски, ниту со Никола Бошкоски. Триесет илјади пораки беа извадени од мобилниот на Вељаноски, ниедна комуникација нема со овие двајца. Вељаноски и Јанакиески во овој критичен период, немаат апсолутно никаква комуникација. Тоа се виде и од листинзите од телефонот на Јанакиески”, рече Миланов.