Миланов: Отсуството на инспектор во Кочани не е причина ниту за настанување на пожарот во Пулс, ниту има каузална или причинско-последична врска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Адвокатот Еленко Миланов, бранител на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, истакна дека обвинетиот нема никаква причинско-последична врска со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Миланов нагласи дека обвинението се обидува да ја припише одговорноста за катастрофата на Максути врз основа на неговата функција, но фактите покажуваат спротивно. Според него, објектот е изграден 1999-2001 пред формирањето на ДЗС, и проектната документација никогаш не била доставена до Дирекцијата, а надлежностите на Максути не вклучувале контрола над приватни објекти.

– Правната квалификација која се става на товар на Беким Максути не може да се применува, бидејќи службено лице може да одговара само ако пропишаните мерки за заштита од пожар не се поставени или одржувани во објект под надлежност на институцијата што ја управува, објасни Миланов.

Тој истакна дека непромисленото однесување и употребата на пиротехнички средства од страна на изведувачите го предизвикале пожарот, што резултирало со загуба на животи и повреди кај голем број лица, но тоа не може да се припише на Максути.

– Ќе докажеме дека директорот не ги изготвувал, ниту ги одобрувал плановите за урбанистичко планирање, кои според закон се во надлежност на други институции. Ниту еден факт не го поврзува со непосредното предизвикување на пожарот, нагласи адвокатот.

Миланов заклучи дека обвинението против Максути е неосновано и се заснова на системски пропусти кои не се поврзани со неговата функција.