Предвидените заеми од Велика Британија кои во наредните 10 години можат да достигнат и шест милијарди евра нема да го зголемат јавниот долг, смета министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Таа оптимистички најави дека во наредните години македонската влада и покрај влечењето на ратите за проекти кои реално ќе се реализираат, буџетски дефицит ќе остане во рамките на предвиденото во Фискалната стратегија 2026 – 2030 година. Инаку, буџетскиот дефицит е разликата меѓу приходите и трошењата во буџетот, односно претставува сумата која владата ја нема, а е неопходна за да се финансираат потребите на државата.
„Да, јавниот долг може да се зголемува, само поради буџетскиот дефицит, најмногу. Кој што, како што кажав, се трудиме да го намалуваме, консолидираме и ќе видиме, јас верувам дека ќе успееме да имаме пониски буџетски дефицити…“, вели Гордана Димитриевска Кочоска.

Со Фискалната стратегија која се усвојува од Собранието и која треба да биде своевиден Устав на Министерството за финансии околу планирањето на буџетите, но која со децении воопшто не се почитуваше од министрите, стои дека во наредните години ќе се намалува буџетскиот дефицит, кој се финансира со ново задолжување.
Според Димитевска Кочовска, трикот како не би се зголемил јавниот долг иако ќе имаме нови задолжувања е во тоа што ќе се кратат желбите на министерствата што се сакаат да реализираат како капитална инвестиција.

„Со уредбата за јавни инвестиции, патот е пропишан. Тоа значи дека секоја таква институција, најпрво треба да пушти до Министерството за финансии известување со образложение, зашто е потребна таа инвестиција. По тоа, имаме посебно тело во рамки на влада, кое што ќе ги разгледа сите тие желби или намери за инвестиции, врз основа на тоа, ќе одреди и ќе предложи на владата од не знам 10, 15, 20 такви проекти, сметаме дека овие 10 се приоритетни, останатите 10 не се приоритетни во моментот.“, додаде Гордана Димитриеска Кочоски.

Ова би значело дека од сегашните 650 милиони евра капитални инвестиции, тие што се заглавени или нема шанса за реално реализиарање, да бидат отфрлени со што ќе се остави простор за реално задолжување од 300 до 400 милиони евра од Британците, кои ќе бидат во рамките на буџетскиот дефицит кој е предвиден со Фискалната стратегија.
„…Да, ќе успееме“, е оптимистична министерката, иако ваквиот план има многу економски, но и политички предизвици бидејќи добар дел од министрите ќе треба да се откажат од своите амбициозни инвестициски планови кои сепак, добро звучат пред гласачкото тело“, вели Гордана Димитриевска Кочоска.
