Министерот Дурмиши во Баку, Азербејџан – ја презентира економијата на Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Економскиот потенцијал на Македонија се презентира во Азербејџан, пред компании и бизнис-лидери од Европа и Азија. Тоа го прави министерот за економија, Бесар Дурмиши, кој престојува во официјална посета на земјата на покана на неговиот колега, а воедно учествува и на Меѓународниот инвестициски форум.

Според него, Македонија останува лидер во регионот во однос на поддршката на странските инвестиции и индустрискиот развој.

„Кажав дека Северна Македонија е лидер во поддршката на инвестициите и во развојот на индустријата. Имаме најразвиена индустрија во регионот. Ги презентирав сите можности што ги нудиме како земја за сите странски инвеститори. Ги презентирав и причините и можностите за идна соработка, како и тоа како Владата ги поддржувала и ќе продолжи да ги поддржува сите компании што ќе инвестираат во нашата земја и ќе отвораат нови работни места“, вели Бесар Дурмиши.

Дурмиши ги информираше учесниците дека во нашата земја функционираат 15 слободни економски зони со компании со меѓународна репутација. Тој го истакна и усогласувањето на законодавството со законодавството на Европската Унија, што го олеснува пласманот на производите на европскиот пазар.

„Исто така, тие отворија и работни места во нашата земја. Ги презентирав причините поради кои како земја ги усогласивме нашите закони со Европската Унија и преку нас компаниите од други земји можат да инвестираат, а своите производи да ги продаваат на пазарот на Европската Унија, кој е многу поголем, многу поширок и претставува одлична можност за сите компании што можат да инвестираат во нашата земја“, вели Бесар Дурмиши.

Меѓународниот инвестициски форум во Баку собра високи државни претставници, министри за економија и бизнис-лидери од регионот и од светот. Во фокусот на дискусиите се проширувањето на економската соработка, дигитализацијата, развојот на енергетската инфраструктура, како и создавањето нови можности за малите и средните претпријатија.