Министерството ќе бара проверка на откупувачите: Сомнежи за нефер практики кон земјоделците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Состојбите на пазарот и начинот на кој се одвива откупот на земјоделските производи ќе бидат ставени под дополнителна институционална проверка. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најави дека неделава ќе достави иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Министерот Борче Серафимовски информира дека анализите направени за откупот на пиперката, оризовата арпа, грозјето од сортата вранец и други земјоделски производи укажале на потреба од пошироко испитување на состојбите.

Покрај контролите што редовно ги спроведува Државниот инспекторат за земјоделство, Министерството ќе ги користи и останатите законски механизми за да се провери функционирањето на откупниот пазар.

До Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе биде доставена образложена иницијатива со која треба да се утврди дали постојат индиции за недозволено усогласување меѓу откупувачите, злоупотреба на доминантна или пазарна моќ, како и евентуална примена на нефер трговски практики кон земјоделците.

Серафимовски посочи дека целта не е однапред да се утврдува одговорност, туку преку независна и стручна проверка да се утврдат фактите и евентуалните неправилности.

Според него, проблемите со откупот не треба да се разгледуваат само преку поединечни инспекциски контроли, туку неопходно е да се анализира и пошироката слика, односно начинот на кој функционира целиот пазар.

Министерот нагласи дека пазарните услови не можат да бидат оправдување за непочитување на склучените договори, нетранспарентно утврдување на квалитетот и класификацијата на производите или префрлање на целиот ризик од работењето врз земјоделските производители.

Иницијативата до Комисијата за заштита на конкуренцијата треба да овозможи дополнително испитување дали во откупот на земјоделските производи постојат практики што ја нарушуваат конкуренцијата или ги ставаат производителите во нерамноправна положба.