Министерството за економија почнува детална анализа на цените – Дурмиши: Ќе се анализира целиот процес – од производител до трговец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека оваа недела ќе се одржи состанок и со добавувачите и производителите, на кој ќе се разговара за намалување на цените на основните прехранбени производи – што беше и целта на минатонеделната средба со трговците.Дурмиши истакна дека ќе се анализира фактура по фактура, секоја цена од 74-те групи со 600 до 700 основни прехранбени производи, кои се дел од потрошувачката кошничка.

„Анализата опфаќа околу 600 до 700 производи кои се дел од потрошувачката кошничка, односно 74 групи основни прехранбени производи. За секој производ ќе се анализира целиот процес – од набавната цена кај производителот до продажната цена кај трговецот. Во анализата ќе биде вклучен и дистрибутерот“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Дурмиши потсети дека за време на претходното ограничување на трговските маржи, во периодите на празници трговците, знаејќи кои производи најмногу се трошат, ја зголемувале бруто-профитната маржа и до 20–30 проценти. Според него, сегашните првични контроли покажуваат дека бруто-профитната маржа изнесува од 5 до 10 проценти и дека нема драстично зголемување.

„Во периодите кога имавме празници, трговците, знаејќи кои производи најмногу се трошат, ги зголемуваа маржите на тие производи до 20–30 проценти. За тоа имаме механизми. Го воведовме ограничувањето на цените бидејќи Државниот пазарен инспекторат нѐ информираше дека кај одредени производи трговците ги зголемуваат трговските маржи“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Во извештајот за работата на Министерството за економија и труд, Дурмиши нагласи дека една од главните обврски била заштитата на животниот стандард на граѓаните. Тој ги посочи мерките насочени кон стабилизирање на пазарот, меѓу кои ограничувањето на трговските маржи и воведувањето на потрошувачките кошнички, со цел да се намали притисокот врз семејните буџети и да се спречат неоправдани ценовни шокови.

Сепак, според него, долгорочната стабилност не може да се обезбеди само со интервентни мерки, па затоа фокусот сега е ставен на стратешка стабилизација на пазарот преку континуирана координација со институциите, регулаторните тела, производителите, трговците и стопанските комори.