Министрите на ДУИ си поднесоа оставки – ќе се активираат кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Артан Груби, Бујар Османи, Крешник Бектеши, Фатмир Бесими и Јетон Шаќири му поднесоа оставки на премиерот Димитар Ковачевски, соопшти лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Според него оставките ќе бидат активирани во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени.

„Оценувајќи дека големите одлуки бараат одговорност и политички жртви, национални и државни, од секого од нас, тргнувајќи од условувањето на опозицијата дека ќе гласаат за уставните измени доколку ДУИ излезе од Влада. Ние министрите и функционерите од ДУИ поднесуваме оставка од функциите на кои сме во моментов! Оставките, г. Премиер, ќе се активираат автоматски тогаш кога опозицијата ќе гласа за уставните измени“, посочи Али Ахмети.

Ахмети додаде дека изборите се на пролет и дека наскоро ќе се вратат. Дури изјави дека ќе стигнат и до 30 пратеници.

„Излегуваме на избори, бидејќи изборите се идната пролет, тогаш ќе си ги измериме силите, тогаш е рингот за победник. Но обидувајќи се да му копаш гроб на другиот, самиот паѓаш во него. Колку време работеа, нè мачеа, нè заморуваа, од 20 мандати не симнаа на 10 мандати правејќи не дежурни виновници, секое зло одеше на адресата на ДУИ. Но ние бевме клучот, паднавме на 10 мандати, но не нè победија, се искачивме од 10 на 15 мандати. Ќе одиме до 25 и до 30 мандати, бидејќи се гради фронтот за Европа“, вели Али Ахмети.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Од таму за ТВ21 велат дека добро е што ДУИ оди во опозиција, но од партијата на Мицкоски бараат и предвремени избори.

„Добро е што ДУИ по 20 години власт е подготвена да замине во опозиција од каде ќе може да одговараат за криминалот и да ја докажуваат својата невиност.  Откако ДУИ го направи првиот чекор, си поднесоа оставки, сега само тие да бидат неотповикливи и да одиме на брзи избори, бидејќи се друго е одолговлекување и играње играчки на грбот на државата и иднината на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на Интегративците ги повика да си поднесат оставки и министрите на АА, бидејќи како што додаде, ДУИ не е сама на овој пат. Инаку, по средбата меѓу двајцата лидери Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека ќе гласа за уставните измени доколку ДУИ не е дел од владата. Но по позитивниот одговор од ДУИ, Мицкоски излезе со нови услови и продолжува и натаму со својот став, дека нема да гласа за уставните измени, бидејќи, како што вели, истите се под бугарски диктат.